Некогаш одамна, во почетокот на историјата, тогашното човештво веројатно зборувало на еден јазик. Со времето тој прататковски јазик или можеби тие неколку јазици се ширеле и се менувале.

Најпрво на нив зборувале само малубројни луѓе или мали раштркани групи. Постепено некои групи растеле, па на тоа место за сите нив немало доволно храна. Затоа некои од нив се здружувале и се селеле некаде подалеку.

Кога ќе стигнеле на некое друго место и таму ќе се населеле, во почетокот зборувале на истиот јазик како и со луѓето од кои се разделиле. Но, малку по малку почнувале да го менуваат изговорот, поинаку да ги соопштуваат работите, а и звукот на зборовите се менувал.

Некои зборови што им биле во употреба во стариот крај, сега, во новиот, го изгубиле значењето и престанале да ги употребуваат. Новите искуства захтевале нови зборови што ќе ги опишат. И начинот на составување реченици не бил веќе истиот. Но, што се случувало ако таа група се населела на место каде веќе живееле луѓе?  Тогаш нивните два јазика се мешале, па и едниот и другиот се промениле.

Во почетокот, кога говорот на дојденците бил изменет сосема малку и скоро не се разликувал од стариот јазик, се викал „дијалект“ или „наречје“. По подолго време, кога ќе настанеле многу промени во зборовите, звуците и граматиката, тој говор почнувал да се смета како нов јазик.

На тој начин се развиле шпанскиот, францускиот и португалскиот од латинскиот јазик, а англискиот, норвешкиот, шведскиот, данскиот и холандскиот од една стара форма на германскиот јазик.

Јазикот на предците и сите јазици што се развиле од него, се викаат „семејство“ на јазици.