Некои работи ја привлекуваат човечката фантазија, без оглед дали тие се значајни или не. Сите знаат дека во италијанскиот град Пиза постои крива кула, а само мал број луѓе знаат дека тој град има богата и славна историја.

Се разбира, самата кула е вистинско чудо. Целата е изградена од бел мермер. Ѕидовите во основата се дебели 4 метри. Има осум ката, а е висока 59 метри, што претставува височина на една петнаесеткатна зграда.

Во ѕидовите е вградена скала со 300 скалила што водат до врвот на кулата. Луѓето што ќе се искачат на врвот, имаат величествен поглед на градот и на морето што е оддалечено 10 километри.

На врвот кулата е накривена за над 5 метри. Ако оттаму фрлите камен, тој ќе падне повеќе од 5 метри далеку од основата на кулата.

Зошто кулата е крива? Вистинскиот одговор не го знае никој. Се разбира, кога е градена, никој не знаел дека ќе се накриви. Градена е како камбанарија на блиската црква. Започната е во 1174, а завршена во 1350  година.

Основите на кулата се поставени во песок и можеби затоа се накривила. Не се накривила одеднаш, туку почнала да се криви кога биле изградени три ката или „галерии“. Затоа планот е нешто изменет, но градбата продолжила! За последните 100 години кулата се накривила за уште 30 сантиметри. Според мислењето на некои стручњаци би требало да се вика „кула која паѓа“, зашто веруваат дека на крајот ќе се урне.

Се тврди за Галилеј, којшто е роден во Пиза, дека токму од оваа кула ги вршел експериментите за брзината на телото што паѓа!