Повеќето угледни иследувачи денес веруваат дека претпоставената книга на Хераклит започнувала со фрагмент 1 посветен на логосот. Некои дури сметаат дека филозофијата на Хераклит би можела да се именува како филозофија на логосот. Овој збор има темелно значење. Неоспорно, благодарение на Хераклит, логосот влегува во западната филозофска мисла и во својот неизменет облик или пак низ разни изведници станува еден од нејзините клучни поими.

За значењето на логосот кај Хераклит денес нема едно општо прифатено мислење, па дури нема ни такво за кое би можело да се рече дека преовладува. Еден вид очајнички одговор на овој безизлез е ставот дека е сосема погрешно логосот да се сведува на нешто повеќе од обичното значење на говор; логос е просто говорот на самиот Хераклит. Оној што бара повеќе од тоа само ги замаглува нештата и всушност го бара она што кај Хераклит воопшто го нема.

Логос е загатка… Но, дискурсивниот ум повторно не враќа назад: што всушност можел да крие тој збор-загатка кај Хелените, особено во времето блиско на Хераклит? Надежта се свртува кон самиот збор. Првично, логос, го среќаваме кај Хомер и Хесиод со значење на збор, говор,повест… Но изворното значење на логос како глаголска именка се открива во глаголот λέϒω на кого значенски му соодветствува, а тоа е: собриа,бере,избира. Оттука се развиваат и значењата: смета,пребројува,набројува…

Едно иследување, раководено од вербата дека „зборот и мислата одат заедно“, истакнува друи единаесет значења на логос кои можат да се послижат како подлога за Хераклитовата определба на овој поим. Уште на самите почетоци, филозофијата смислено постапува со јазикот: на наследените зборови им придава особено значење и ги присбособува да ја изразат новата филозофска мисла. Она што е суштенствено за Хераклитовиот логос,всушност, излегува од областа на општопознатото и се определува како посебно и специфично.