Хормоните лачат жлезди со внатрешно лачење, што значи дека тие се излачуваат во организмот. Тие уште се викаат и жлезди без излезен канал, зашто своите производи не ги упатуваат во каналите, туку непосредно во крвотокот. Хормони исто така создаваат и некои органи како што се црниот дроб и бубрезите, но мнозинството хормони се производ на жлездите. Секој хормон има свое посебно дејство во телото. Воопшто, задачата на хормоните е да ги регулираат внатрешните функции на телото, како што се растењето, исхраната, создавање резерви од хранливи материи и нивното користење, како и процесите на размножувањето. Ако жлездите произведуваат премногу или недоволно хормони, тоа може да доведе до ненормален физички изглед. Еве што работат во нашето тело некои хормони и жлезди.

Хипофизата е најважна од сите жлезди, зашто таа управува со работата на сите други жлезди со внатрешно лачење. Нејзината големина навистина изненадува: оваа важна жлезда има големина на едно зрно грашок и приближно е исто толку и тешка. Таа е придодадена кон долната површина на мозокот и заштитена со соседната коска. Иако хипофизата е толку мала, разделена е на две јасно одделени резенчиња – предно и задно. Низ долното резенче, кое е помало од предното, поминуваат повеќе од 50.000 нервни влакненца. Хормонот што го произведува еден дел од оваа жлезда има задача да го поттикнува растењето. Хипофизата произведува и два хормона кои го контролираат користењето на водата и мастите, крвниот притисок и начинот на кој што ја регулираме топлината на нашето тело. Хипофизата исто така го контролира и развојот на полните особини кај мажот и жената. Таа управува и со оној дел од прометот на материите,  кој што има задача храната да ја претвара  во разни облици на енергија. Хипофизата влијае и на работата на мускулите, бубрезите и на други органи.