Црната кашлица или пертусис е акутна респираторна болест  предизвикана од Bordetella pertusis. Инфекцијата кај населението може да биде епидемиска  со ширење на микроорганизмите кои се многу инфективни , преку белодробни капки кои се ослободуваат со кашлање или кивање.
Од оваа болест не заболуваат само децата, бидејќи во последните години најголем пораст на заболувања се бележи кај возрасните и адолесцентите.
По изложување кон заболен од пертусис (преку аеросоли ослободени од кашлање), почетокот на симптомите настануваат за речиси од 1 до 3 недели.

Кои се симптомите?

Симптомите започнуваат со ринореја, зголемено солзење и лесно покачена температура. Овие симптоми може да траат неколку дена или цела недела кои се со почеток на непродуктивна кашлица. На дијагнозата на пертусис практично не е можно да се помисли сѐ додека пациентот не навлезе во стадиумот на пароксизми и не започне да ја манифестира типичната кашлица. Оваа впечатлива кашлица се состои од серија издишувања (експирации) кои не може да се контролираат, следени со збревтано вдишување што зависи од структурата на дишното стебло, и пискавиот заценувачки звук налик на магарешко рикање. Заценувањето е почесто кај децата отколку кај возрасните . Не е ретко при секое заценување да се појавува цијаноза, на крајот со задавување и повраќање, кое кај доенчето може да доведе до дехидратација. Кај 80% од возрасните кои имаат пертусис, болеста трае најмалку 3 недели, а кај 27% од нив, кашлањето продолжува до 90 дена.

Кои се компликациите?

Кај доенчињата и кај децата помлади од 5 години, од 5-10% се јавува пневмонија, а мозочни заболувања 0,1%. Оваа пневмонија кај нив може дополнително да се искомплицира со зголемен пулмонален притисок (пулмонална хипертензија). Кај адолесцентите и возрасните овие компликации се исти, но возрасните можат да манифестираат и други потешкотии како нагло губење на слухот, епизода на ангина и дисекција на каротидна артерија.