За да дојде до успешно комплетирање на бременоста,  во репродуктивниот систем како и во другите органи треба да се случат низа на одредени промени. Бидејќи за фертилизација е потребно фаќање и пренесување на зрелиот ооцит до матката, истата најчесто се случува во ампулата и затоа е потребен пренос на самиот сперматозоид до тубата на матката. По имплантацијата, плацентата се формира од две функционални обвивки и тоа, синцитотрофобласт и цитотрофобласт. Улогата на самата плацента е да овозможи интимен сооднос на крвотокот од бебето и мајката за размена на метаболни процеси т.е хранливи материи и кислород, неопходни за развој на бебето.

Друга функција на плацентата  е нејзината секреција на повеќе важни хормони како (hCG) или хумано хорионски гонадотропин. Овој хормон го одржува жолтото тело (corpus luteum) во период од 8 до 10 недели додека не се достигне потребниот капацитет на создавање на прогестерон во плацентата. Инаку, жолтото тело се формира кога доминантниот фоликул ќе прсне и ќе се ослободи јајце клетката. Откако ќе почне лачењето на прогестерон , истиот ја подготвува матката за прифаќање на ембрионот. Времетраењето на лутеалната фаза започнува од денот на овулацијата а завршува со доаѓањето на следниот менструален циклус, и трае од 11 до 16 дена, и се смета за патолошки случај доколку трае помалку од 10 дена. Резултатот од  дефектот на оваа фаза може да предизвика неплодност, бидејќи самиот ембрион ќе нема доволно време да се смести во матката пред почетокот на следниот менструален циклус. Доколку дојде до забременување без никакви други фактори кои негативно влијаат на бременоста тогаш жолтото тело продолжува со лачење на хормонот прогестерон и ја спречува менструацијата.
А ако забременувањето се спречи, жолтото тело пропаѓа и доаѓа до следен менструален циклус.