Поимот платежна картичка за првпат бил употребен во 1887 година во футуристичкиот роман на американскиот писател Едвард Белами, кој прогнозирал дека во 2000 година, помеѓу останатите благодети на идниот свет, ќе постои и картичка која ќе служи за безготовинско плаќање. Првите платежни картички се појавиле во САД во 1894 година. Нив ги воведел хотелот Credit Letter Company, а подоцна ги воведеле и некои други компании. Денес се користат голем број електронски картички. Сите, вообичаено се изведени од обичните празни картички (кои се изработени од половинил хлорид или половинил хлорид ацетат) со разни додатоци, и со стандардни големини од 86 х 54 мм и дебелина 0,76 ± 0,08 мм. Според локацијата и примената, картичките се делат на: национални и интернационални.

Употребата на платежните картички во Македонија драстично се зголеми во поново време. Во тој поглед, особено значење за подемот на платежните картички имала одлуката на владата за исплата на платите на јавната администрација преку сметките поврзани со банкарски картички. Оттогаш, неколку години по ред, бројот на издадени картички бележи исклучително високи стапки на растеж и веќе во декември 2010 година во употреба биле над 1,4 милиони платежни картички. Од нив, околу 1 050 000 биле дебитни картички, 303 000 кредитни картички, а остатокот отпаѓал на картички што служат само за повлекување готови пари и комбинирани картички. Исто така, употребата на картичките е олеснета од мрежата на речиси 23 000 трговци кои прифаќаат картички и над 32 000 терминали и банкомати. Притоа, во декември 2010 година биле остварени речиси три милиони трансакции со платежни картички во вредност од речиси 10 милијарди денари. Сепак, треба да се забележи дека картичките најчесто се користат за повлекување готовина од банкоматите и од шалтерите на банките, а во помал обем за плаќање на производите во трговските дуќани.

Во Македонија, повеќе се распространети картичките кои содржат магнетна лента и при извршување на плаќањето, информациите директно се пренесуваат од уредот за читање до компјутерскиот центар на банката, така што веднаш се намалува состојбата на сметката. Сепак, во поново време, банките почнаа да нудат картички со вграден микрочип, во кој се сочувани сите информации за состојбата и промените на сметката. Притоа, повеќето банки ги нудат познатите меѓународни картички, како што се ”Виза” и ”Мастеркард”, додека некои помали банки издаваат сопствени картички коишто се прифатени само во ограничени размери, и тоа само во Македонија. Инаку, како корисници на платежните картички претежно се јавува населението, но постојат и картички што се наменети за претпријатијата.

Според една студија, американските банки заработуваат околу 24 милијарди долари само од провизијата што им ја наплаќаат на трговците при плаќањата со кредитни картички. Во 2003 година, „Виза“ и „Мастеркард“ се согласиле, во вонсудска спогодба, да им исплатат на трговците отштета од 3 милијарди долари како надомест за превисоките провизии што им ги наплаќале во текот на многу години.