Бизнис претставува економски систем во кој производите и услугите се разменуваат за друг производ или услуга или пак за пари врз основа на нивната вредност. Секој бизнис бара одредена форма на инвестирање и доволен број на потрошувачи за кој неговиот аутпут ќе биде продаден за профит на конзистентна основа.

Успешноста на било кој бизнис е директно поврзана со достапноста на финансии, без разлика дали се работи за стартап финансии или за финансии потребни за вложување во растот на бизнисот. Еден од начините за зголемување на достапноста на финасиите може да биде зајакнување на мрежите на бизнис ангели.

Бизнис-ангелите се дефинираат како „богати поединци кои инвестираат сопствени пари, заедно со време и експертиза, директно во компании кои не котираат на берза и со кои не се во семејни односи, а со надеж дека ќе остварат финансиска добивка“. Најважни карактеристики на бизнис-ангелите како форма на финансирање на малите бизниси се следниве:

  • Најпрвин, бизнис-ангелите, како богати поединци (обично тие се поранешни претприемачи кои веќе не се активни, но кои имаат добро познавање на бизнисите и секторите во кои порано работеле), инвестираат сопствени средства, главно во замена за акции, со што стекнуваат сопственички и управувачки права во фирмите во кои вложуваат.
  • Изборот на фирмите го вршат внимателно, врз основа на бизнис-идејата, бизнис-планот и проучување на личноста на претприемачот.
  • Најчесто вложуваат во бизниси со кои се семејни, во кои порано биле активни и добро ги познаваат.
  • Нивното инвестирање секогаш е поврзано и со т.н. постинвестициско инволвирање, т.е. со ангажирање во фирмата во којашто вложиле преку давање совети и експертиза. Формите на постинвестициско вложување се различни: работа во фирмата со неполно работно време, давање совети и консултации, читање на финансиските извештаи, учество во одборот на директори на фирмата, работа со полно работно време итн..

Економското значење на бизнис-ангелите во развиените земји (посебно во САД и Велика Британија, а во поново време и во земјите на ЕУ), е во нагорен тренд, главно поради неколку причини:  бизнис-ангелите инвестираат сè позначајни суми во новите бизниси;  бизнис-ангелите го затвораат т.н. прв и втор капитален јаз (equity gap) со кои се соочуваат малите бизниси во текот на нивниот раст. Тоа значи дека бизнис-ангелите вложуваат во малите бизниси во најкритичните моменти, најпрвин кога претприемачот ќе ги исцрпи 3-F парите, а сè уште не е способен да привлече официјални ризични фондови или банкарски заеми (прв equity јаз), а потоа на преодот од раната во доцната фаза (од третата во четвртата фаза), кога настапуваат како групи бизнис-ангели заедно со официјалниот ризичен капитал (втор equity јаз).