Електронското банкарство ги опфаќа банкарските активности што се извршуваат преку електронски средства, како што се: компјутери, банкомати, магнетни картички, чипови, тв-екрани, мобилни телефони итн. Електронското банкарство претставува техника на извршување на банкарските работи, односно начин на испорака на банкарските производи. Според тоа, техниката на испорака на банкарските производи е она што ги раздвојува електронското и традиционалното банкарство.

Електронското банкарство е феномен од поново време и се развива со брзо темпо во последните триесет години. Неговата примена и застапеност се поврзани со развојот на информациско-комуникациската технологија (компјутерите, интернет-мрежата, мобилната телефонија итн.). Исто така, распространетоста на електронското банкарство зависи и од некои други фактори, како што се: степенот на урбанизација на земјата, нивото на образование на населението, старосната структура итн.

Овој вид банкарство е наменет за сите клиенти кои имаат отворено сметка во банката која нуди услуги од областа на е-банкарството. Сите клиенти, преку пополнување соодветен образец, може да станат корисници на оваа услуга, при што, банката му доставува на клиентот корисничко име и лозинка. На корисниците им е овозможено преку архивата да ги следат сите промени на својата сметка до три месеци наназад од моментот кога ќе се вклучат во е-банкарството. Плаќањето се врши на однапред регистрирани сметки на корисникот. Оваа предрегистрација на уплатата на корисникот претставува дополнителна заштита од злоупотреба на електронското банкарство од страна на трети лица. Корисниците можат по пат на пишувани пораки од банките да добијат потребни информации во врска со употребата на е-банкарството. Банката преку најразлични известувања го информира корисникот за сите важни работи кое се неопходни за непречено одвивање на електронското банкарство. За употребата на е-банкарството, банките наплаќаат соодветен надомест. Корисникот може да се откаже од овие услуги преку поднесување писмено барање за престанок на користење на услугите на е-банкарството. Од друга страна, банката може на корисникот да му го одземе правото на користење на оваа услуга, доколку утврди дека корисникот не се придржува до правилата издадени од страна на банката.

Извор: Горан Петревски, Управување со банките