Големата сфинга стражари во египетската пустина, околу десет километри далеку од Каиро, и чува три големи пирамиди во Гиза. Ова чудовиште е направено од камен, со глава на човек и тело на лав што лежи со напред испружени шепи. Телото е само грубо извајано, додека главата е детално обработена. Очите се таинствени  и имаат поглед што уште никој не умеел да го објасни. Гледаат кон пустината со некоја таинствена надмоќност.

excursion-priv-e-pyramides-de-gizeh-et-le-sphinx-in-cairo-124917Фигурата е висока над 20 метри, а долга 63 метри. Се верува дека сфингата е стара најмалку 5 000 години. Но, зошто таа е изградена? Единствено толкување има на малата капела што се наоѓа меѓу шепите. Во неа има записи што ги оставиле двајца древни египетски владетели. Тие објаснуваат дека сфингата претставува една од формите на богот на сонцето – Хармакис, и дека нејзината задача е гробишатата околу пирамидите да ги одбрани од секакво зло.

Освен големата сфинга во Гиза, во Египет има уште сфинги. Нивните глави претставуваат ликови на кралеви. Според египќаните зборот „сфинга“ значи „господар“. Во примитивните религии се верувало дека кралот поседува сила и лукаство од разни животни. Таа моќ ја добивал ставајќи ги на главата нивните кожи. Затоа Египќаните своите кралеви и богови ги претставувале како полуживотни – полулуѓе.

Сфингата од Египет преминала и во други цивилизации: Асирија и Грција. Во тие земји сфингите биле претставувани со крилја. Во Асирија тоа обично биле мажи, а во Грција имале глава на жена. Грците имале една легенда за сфингата. Таа живеела на една карпа и го убивала секој патник што ќе поминел, а не умеел да ја реши загатката што ќе му ја поставела таа: „Што оди наутро на четири нозе, напладне на две, а навечер на три?“ Едип одговорил дека тоа е човекот, зашто како дете лази на сите четири, како возрасен оди на две, а како старец оди помагајќи си со бастун. Тоа  бил вистинскиот одговор, па сфингата бесно се фрлила од карпата и умрела.