Како што знаете, мумија е посебно препарирано и сочувано тело на мртовец. Зборот “мумија” доаѓа од арапскиот јазик и значи „тело сочувано со помош на восок и катран“. Но, зошто Египќаните сакале да го сочуваат телото на мртовецот?

Затоа што верувале во посмртен живот. Душата ја замислувале како птица со човечко лице, која дење лета ваму-таму, а ноќе мора да се врати во гробот зашто се плаши од зли духови. Поради тоа Египќаните ги „мумифицирале“ труповите, како би можеле душите да ги препознаат и да би знаеле во кој гроб секоја од нив треба да се врати.

Околку 3000 години пред новата ера Египќаните своите мртви ги закопувале во склупчена положба, во врелиот пустински песок, којшто го чувал телото од распаѓање. Подоцна угледните личности се закопувале во гробници изделкани во камен. Но пирамидите и камените гробови не биле толку суви како пустинскиот песок, па Египќаните морале да измислат некој начин труповите да се одржат во тие гробници. Така настанала вештината на ,,мумифицирање“.

Кога некој ќе умрел, му го ваделе мозокот, органите за варење, срцето и белите дробови. Тоа се чувало посебно, во четири садови што се викале „канопски вазни“. Во подоцнежните времиња тие органи се враќани во телото.

Потоа во мртвото тело ставале сол, која заедно со сувиот пустински воздух ја извлекувала влагата. Кога трупот ќе се исушел, го бањале, го триеле со борова смола и го замотувале во стотина метри платно. Сето тоа траело седумдесет дена.

За тоа време дрводелците правеле сандак за мумијата. Ако покојникот бил богата и важна личност, правеле повеќе сандаци, од кој секој влегувал во следниот. Сликарите тие сандаци ги украсувале со живи бои. Ѕидовите на гробниците се украсувани со текстови и слики, кои што зборувале за животот на покојникот. Потоа си собирале сите предмети што на покојникот му служеле за време на животот, па ги ставале во гробот. Така, според верувањето на Египќаните, човекот бил подготвен за својот иден живот.