Околу 221 година пред новата ера моќниот кинески цар Ши Хуанг Ти обединил разни делови на Кина. Но, северно од неговото царство во пустините живееле варварски номадски племиња, а тој чувствувал дека тие претставуваат опасност за неговото ново царство. Затоа заповедал да се посигне голем ѕид што ќе ги заштитува сите северни провинции на Кина.

Кинескиот ѕид навистина бил огромен проект, завршен за рамно петнаесет години. Подоцна е продолжен, многу пати доградуван и делумно уништуван. И покрај тоа, се уште постои голем дел од овој ѕид.

Дали царот успеал да ги спречи наездите на номадите во Кина? За жал, не. Некој дел од ѕидот секогаш бил оштетен. Така варварите, наречени Монголи, постојано упаѓале низ оштетените делови на ѕидот. Ни самите Кинези не се држеле до својот ѕид. Кинеските селани понекогаш ја обработувале земјата и надвор од ѕидот.

И покрај тоа, Кинескиот ѕид служел (и се уште служи) како граница помеѓу кинеската и монголската култура, помеѓу земјоделскиот и номадскиот начин на живот.

Кинескиот ѕид е најдолгиот ѕид на светот. Ако се пресметаат сите искривувања, долг е над три илјади километри. Бидејќи тоа е одбранбен ѕид, се протега по должината на планинските гребени и  тесните клисури.

Кинескиот ѕид е граден од земја, камен и тула. Висок е од 5 до 10 метри, а на правилни растојанија се издигаат стражарници. По должината на горниот дел од ѕидот е изграден пат широк 4,5 метри.