Многумина не знаат дека и во Македонија има остров, некои ќе бидат зачудени. но после читањето на овој текст ќе посакате да го посетете овој мал остров ама секако значаен за Македонија.

Голем Град (Змиски Остров или Св. Петар) е најголемиот остров во нашата држава, бидејќи има уште десетици други острови по реките и вештачките езера, а некои од нив се исто така доста интересни, нема да се задржеме на нив бидејќи наша тема на обработка е островот Голем Град. Тој се наоѓа близу граничното тромеѓе помеѓу Македонија, Албанија и Грција, 2 км оддалечен од полуостровот Коњско, а 4 км од истоименото село. Должината на островот во правец север-југ е точно 700 м, додека широчината во правец запад-исток му изнесува 450 м. Бреговите на островот се доста стрмни и претставуваат типични клифови високи до 30 м, формирани со долготрајно дејство на езерските бранови врз варовничките карпи. Единствено на неколку места брегот поблаго се спушта кон езерото и тука е можен лесен пристап.

Голем Град е едно од најатрактивните места, со остатоци од населби од неолитот, хеленистичкото и римското време, некропола од римскиот период и средновековието, како и со откриените шест цркви од некогаш постојните дванаес
ет. Се претпоставува дека во античкиот период тука живеело македонското племе Орести, за кое сведочат ископаните гробови на свештеници. На островот постоел континуиран живот од дваесетина века и манастирски живот кој се одвивал од X до XIV век. Меѓу пронајдените цркви, особено е интересна онаа која била подигната и живописана во XV век врз темели од римска цистерна за вода.

Денес островот е не населен, но е извонредно богат со ендемски растенија, бројни видови на влечуги и птици, различни заедници на животни, потоа бројни остатоци од објекти, записи и наоди кои зб
оруваат за долгите векови на населеност на островот. Поради големиот број на змии на островот, Голем Град уште е познат како Змиски остров. На островот Голем Град има два вида на змии. Во карпите до водата живее змијата белоушка, која не е отровна. Во горниот дел од островот може да се сретне отровната змија поскок. Правени се обиди за нивно уништување со ежови (1949 година) и мунгоси (1967 година), но поголем успех не беше постигнат. Инаку, севкупните природни карактеристики, како и вредните културно-историски и археолошки објекти се причина што овој остров е прогласен за строг природен резерват.  Голем Град е дел од Националниот парк Галичица. Од 14 јули 2008 година Голем Град е отворен за посетителите. Направени се камени патеки и поставени се патокази со информации за посетителите на македонски и на англиски јазик.