Al Rajhi Bank - Саудиска Арабија
Al Rajhi Bank – Саудиска Арабија

Исламското банкарство претставува дел од исламската економија. Исламскиот финансиски систем настојува рамномерно да ги распредели општествените и моралните димензии со цел да се обезбеди благосостојба во општеството. Неговите темелни принципи се изведени од основните принципи на Шеријатот според кои кредитирањето во исламските земји се заснова на потполно покритие на сите влогови од страна на населението и на позајмување пари без камата.  Суштината на исламските банки е посредување помеѓу оние кои имаат вишок средства а немаат каде, или не знаат како да ги пласираат и оние кои немаат доволно пари да ги задоволат своите инвестоциони или потрошувачки потреби. Овие банки работат за да остварат профит, па така тие заедно со клиентите учествуваат во поделбата на добивката, или покривањето на загубата, но исто така земаат и провизија за вршење на некои банкарски услуги.

Основните принципи на кои што се темели исламското банкарско работење се следниве:

  • Апсолутна забрана за било какво плаќање или наплата на камата

Банката не може да учествува во било каква работа според која ќе треба да прима, или да дава камата. Нејзината работа треба да опфаќа реален деловен потфат, а притоа треба да се напомене дека таа не може однапред да гарантира некој фиксен износ, како и дека треба да предупреди на заедничко учество во добивка или загуба на деловниот потфат.

  • Обврска за разделба на добивката или загубата

Заемодавачот има право за распределба на добивката, но и обврска за покривање на загубата, која произлегува од деловниот потфат во кој се вложени парите.

  • Нема заработка без преземање на ризик

Ова се однесува како на работата, така и на капиталот. Без преземање на деловен ризик не може да се земе плата или да се обезбеди награда од вложената инвестиција.

  • Парите не може да креираат пари

Создавањето пари со пари во Исламот е строго забрането. Парите претставуваат само средство за размена и преминуваат во капитал само кога се вложени во реален деловен потфат. Дотогаш тие претставуваат само куповна моќ.

  • Забрана за коцкање, неодреденост, претеран ризик и шпекулација

Доколку овие работи би се случувале би можело да дојде до измама, односно да му се нанесе штета на некој учесник во деловниот потфат.

  • Забрането е финансирање или соработка со компании кои се занимаваат со производство или активности кои во Исламот се забранети (харам)

Банката своите работи ги врши на законит начин. Тоа значи дека таа нема да врши активности кои во Исламот не се дозволени. Според тоа таа нема да врши корупција,да пере пари, или да финансира активности како отварање на ноќни клубови, казина, производство на алкохол, ниту пак ќе поддржува производство на производи забранети со Исламот( дрога, алкохол, свинско и сл.)

Денес во светот функционираат преку 200 различни исламски финансиски институции, комерцијални банки, инвестициони банки, кој што работат во преку 50 различни држави. Најповеќе е застапен на Блискиот Исток, во Африка и Југоисточна Азија. Најголемата банка, која што работи во овој систем е “Al Rajhi Banking & Investment Corp.”, со седиште во Саудиска Арабија. Одма до неа е и ”Аlbaraka & The International Investor Dar-Al- Maal-Al-Islami”, со седиште во Женева како и “Kuvajt Finance House” и “Katar International Islamic Bank”.