Централната банка претставува највисока банкарска институција во рамките на националната економија. Таа е во надредена положба во однос на другите банки, односно таа е банка на комерцијалните банки и затоа се нарекува уште и банка над банките. Таа по дефиниција е емисиона банка, што значи дека единствено таа има ексклузивно право да печати и емитира пари.

Историски гледано централните банки на почетокот биле приватни институции кои работеле на профитна основа, но како што растел бројот на услугите кои централните банки ги вршеле на владите, а и сознанието на владите дека преку парите и кредитот (монетарните фактори) може значајно да се влијае врз вкупните економски движења, тие станале државни институции. Првата централна банка била основана во 1668 година во Шведска, потоа била основана централната банка на Англија(Bank of England) во 1694 година која подоцна била национализирана (стана државна), централната банка во САД се нарекува Систем на федерални резерви (ФЕД) и е основана во 1913 година, додека пак во 1999 година почнала да функционира и Европската централна банка (ЕЦБ). Со централната банка управува Советот на директори и Гувернерот на централната банка.

Одржувањето на ценовната стабилност е основната цел на речиси секоја централна банка, а исто така таа претставува основна цел и на народната банка на Р.М. (НБРМ) која е утврдена со закон. Поставувањето на оваа цел е во согласност со емпириски потврдените сознанија дека ценовната стабилност создава најповолен макроекономски амбиент за долгорочно одржлив економски развој.

Во денешно време централните банки обично ги имаат следните основни функции:  да издаваат односно емитуваат книжни и ковани пари, држат резерви на злато и девизи, и ракуваат со нив, го регулираат количеството на пари во опток во согласност со целите на економската, односно монетарно-кредитната политика, ја регулираат ликвидноста на банкарскиот систем и ликвидноста на плаќањата во земјата, ги контролираат кредитните операции во земјата, ги регулираат плаќањата и кредитните работи со странство, вршат одредени работи за сметка на државата, извршуваат и други специфични работи кои им ги доверува државата.

Во индустриски развиените земји каде има развиен пазар на пари и капитал, банките се многу малку упатени на централната банка затоа што до ликвидни средства доаѓаат на овие пазари, додека пак во земјите во развој каде не постои пазар на пари и капитал многу е поголема зависноста на банките кон централната банка.