Сигурно понекогаш сте се прашале: „Колку топло е ова?“  Или: „Кога би знаел колку студено е ова?“  Ако ве интересира топлината, можете да си замислите колку прашања има во врска со топлината што ги интересираат научниците! А првиот чекор во развитокот на науката за топлината е пронаоѓање начин да се измери топлината. Затоа е измислен термометар. „Термо“ значи „топлина“ , а „метар“  значи „мера“ , значи термометарот ја мери топлината.

Првиот услов за термометарот е секогаш на ист начин да означува иста температура. Имајќи го тоа на ум, италијанскиот научник Галилеј почнал да врши опите околу  1592 година (по сто години откако Колумбо ја открил Америка). Тој направил еден вид термометар што се вика „воздушен термоскоп“.  Тоа била стаклена цевка со шуплива топка на крајот, во која имало воздух. Цевката и топката се загревани така што воздухот внатре се ширел, а потоа отворениот крај на цевката е ставен во некоја течност, на пример, во вода. Како што воздухот во цевката се ладел, неговата запремина се намалувала, а место него течноста продирала во цевката. Така промените на температурата можеле да се забележат по дигањето или опаѓањето на нивото на течноста во цевката. Ете тоа бил првиот „термометар“ за мерење на топлината. Но не заборавете дека тој ја мерел топлината, мерејќи го ширењето и собирањето на воздухот во цевката, па бргу се открило дека еден од проблемите во врска со него бил тој, што на него влијаеле разликите во атмосферскиот притисок и затоа тој не е сосема точен.

Термометарот што денес го употребуваме ние, се засновува на ширење и собирање на течноста херметички затворена во стаклено топче, за кое е прицврстена танка цевка. На повисоки температури течност се шири и се качува во цевката, додека на пониски се собира и се спушта во цевката. Скалата на цевката ни покажува колкава е температурата. Таков термометар прв пат употребил, околу 1654 година, големиот тоскански војвода Фердинанд II.