Нафтата се вика уште и ,,петролеј“, што ни дава и клуч за објаснување како настанала таа. Зборот ,,петролеј“ значи ,,масло од карпа“. Научниците мислат дека петролејот е создаден од растенија и животни што во прадревните времиња живееле во топлите мориња и на нивните брегови. Во тие времиња речиси целата Земја била покриена со мориња.

Изумрените растенија и животни илјадници и илјадници години се натрупувале на морското дно. Со време над нив се натрупале повеќе милиони тони песок или тиња. Под притисокот тињата и песокот постепено се претворале во карпи. Притоа остатоците од растенијата и животните се претворале во течност со темна боја што се втиснувала во шуплините на карпите. Кога дошло до издигнување на некои делови на Земјината кора, некогашното морско дно местимично станало сува земја. При тоа дел од споменатата течност избила на површината, па така луѓето ја забележале.

Петролејот или суровата нафта се употребувала, потоа, илјадници години. Старите Египќани и Кинези ја користеле како лек, а во Индија, одамна пред почетокот на новата ера, нафтата служела како гориво. Единствениот начин на доаѓање до нафтата се до XIX век бил собирање на таа течност при нејзиното природно избивање од земјата. На некои места луѓето ја собирале нафтата од површината на потоците и реките или ја впивале а потоа ја цеделе со помошта на простирки и крпи.

Суровиот петролеј или суровата нафта, во состојба во каква што се добива од изворите, не може да се употреби корисно. Затоа нафтата мора да се пречистува или рафинира. Преку процесот на дестилација, со кој се постигнува тоа, од суровата нафта се одделуваат состојките што природно се наоѓаат во неа. На тој начин добиваме автомобилски и авионски бензин, масла за подмачкување, масла за горење и асфалт.