Модерната кујна, а особено современиот начин на живот кој налага брзо темпо, често не наведува да јадеме набрзина приготвена храна која ќе ни одземе што е можно помалку време. Ваквата храна најчесто содржи високи количини на холестерол бидејќи е од животинско потекло, и му штети на организмот кога се конзумира неконтролирано.

Решение за ова постои, бидејќи не само што можеме да ја намалиме храната богата со масти од животинско потекло, туку можеме и да го зголемиме внесот на храна богата со “добриот“ ХДЛ холестерол кој го чисти нашиот организам на тој начин што ги впива кристалите на ЛДЛ “лошиот“ холестерол кои се собираат во артериите и ги враќа во црниот дроб кој понатаму ги обработува со помош на жолчните киселини, овозможувајќи потоа истите да се исфрлат од телото.

Не смееме да претераме во обидот потполно да се ослободиме од холестеролот, бидејќи тој е оптимален кога неговата вредност е помеѓу 4,64 и 6,19 ммол/л. Холестеролот делумно не штити од мозочни удари, некои видови на рак и депресија, па затоа е важно да се конзумираат најразлични продукти, благодарејќи на кои односот меѓу добриот и лошиот холестерол ќе се одржува на она ниво кое му е потребно на организмот.

Значи, не секоја маснотија е лоша и не треба во потполност да се исфрлат продуктите од животинско потекло. Потребно е само да се води сметка што се јаде и во кои количини. Најдобро би било дневно да се внесува 200 мг егзоген холестерол, односно оној холестерол кој содржи масни хиломикрони кои полесно се закачуваат во крвните жили. Продукти богати со ЛДЛ, односно “лош“ холестерол се јајцата (една жолчка содржи 290 мг, а во белката воопшто го нема), пршута и масно месо (100 мг), масни сирења и кашкавали (100 мг) и сите нивни продукти. Но затоа пак, слободно јадете риби, бидејќи освен холестерол тие содржат и омега 3 масни киселини кои помагаат во намалувањето на лошите маснотии.

Во принцип, се препорачува внесување на што повеќе продукти со ХДЛ холестерол, а тоа се сите продукти кои содржат растителни масти – маслиново и масло од тиква, риба, пилешко, интегрални житарици и јадења направени од нив, зелен лиснат зеленчук, од кој посебно се препорачува зелката, кељот, карфиол, брокула кои изобилуваат и со витамини Ц, Е и други антиоксиданси, па го намалуваат холестеролот и го зајакнуваат имунитетот. Понатаму, добри се пиперките, морковите, сите видови на свежи салати, семки од сончоглед, сусам и јаткасто овошје, сите видови на овошје, а особено ситното шумско овошје (капини, малини, боровници, рибизли), грав, леќа, соја и сл.

Најдобро би било едноставно да ги исфрлите животинските масти, па наместо да готвите на маст, да користите сончогледово или маслиново масло. Наместо колачи и солени грицки јадете јаткасто овошје (ореви, бадеми, лешници). Комплетно исфрлете го маргаринот од исхраната, бидејќи тој содржи трансмасни киселини кои се исклучително штетни за организмот – предизвикуваат затнување на артериите и некои видови на тумори. Намалете го внесот на црвено месо и заменете го истото со пилешко, месо од мисирка и риба.

Навалете на јаболки, банани и смокви (кога им е сезона), цвекло, моркови, а особено лук, кој докажано го зголемува добриот холестерол за 10%, а го намалува вкупниот за 10% и лошиот ЛДЛ холестерол за 15%, ако јадете едно до три чешниња дневно во текот на месец дена, и секако не во комбинација со пршута.

Освен намалувањето на внесот на маснотии од животинско потекло, потребно е и воведување на физички активности кои ќе овозможат трошење на  маснотиите и одржување на целиот организам во добра форма. Ако не сакате да се занимавате со спорт, не се грижете. Доволно е да се откажете од автомобилот и да се движите пешки колку е можно повеќе. Пливајте, возете велосипед, брзо одете, трчајте, шетајте.

Ако имате стресна работа, или пак ако животот ви е стресен сам по себе, најдете некои активности кои ве опуштаат. Од стресот често не можеме да се ослободиме, но можеме да научиме да се ослободиме од неговото штетно влијание. Шетајте малку пред спиење, наполнете ја кадата со вода и одмарајте во неа барем половина час, прочитајте добра книга, изгледајте некој филм или водете љубов. Важно е да заборавите на се што ве мачи и да сфатите дека смислата на животот е во убавите моменти кои не прават среќни и задоволни, без разлика на тоа колку се тие кратки или ретки.

 

Извор: MiGusto