Според приказните, Сизиф живеел многу одамна. Го основал градот Коринт и бил негов прв крал. Бил најмудар меѓу луѓето, а често ги надмудрувал дури и боговите.

Сизиф имал еден сосед по име Автолик, исто така тој многу мудар човек, но со една лоша особина-бил голем крадец. Боговите го обдариле со таква моќ да може да го менува изгледот на животните. Тие што биле без рогови, да ги претвора во рогати, црните во бели, и обратно. И Сизиф имал едно стадо говеда, но еднаш забележал дека бројот на говедата се намалува. Се обидувал да го фати крадецот, но никако не успевал во тоа. Најпосле, се досетил. Затоа на копитата од говедата втиснал знак, потоа одел по трагата по која оделе украдените говеда и трагата го однела точно кај соседот Автолик. Овој ја признал кражбата, а воедно признал и дека Сизиф е најмудриот човек на светот.

Сизиф не бил многу омилен меѓу жителите на Коринт, но сепак, сите му признавале дека е најголемиот мудрец, и дека бил заслужен за развојот на трговијата и поморството во Коринт.

Но Сизиф се замерил со боговите. Кога богот Зевс ја грабнал убавата Ајгина, Сизиф му кажал на нејзиниот татко, речниот бог Асоп, во кој правец ја одвел. Зевс одвај се спасил пред разгневениот Асоп, но затоа не пропуштил да му се одмазди на Сизиф. Го обвинил дека ги издава тајните на боговите и ја испратил Смртта да го поведе во подземниот свет. Но Сизиф ја надмудрил и Смртта. Зел окови и, божем да и каже како се употребуваат, и ги ставил на рацете, потоа веднаш ги заклучил и ја затворил Смртта во својата куќа. Оттогаш, на земјата никој не умирал, дури ни оние на кои им била отсечена главата, ни ние кои им биле исечени на парчиња.

Настанала неподнослива состојба. Затоа, боговите се погрижиле да ја ослободат Смртта. Ги извадиле оковите од нејзините раце и ги ставиле на рацете на Сизиф, а на Смртта и заповедале да го води во светот на мртвите. Но Сизиф пак ги надмудрил. Уште пред да го одведат, и наредил на својата жена да не го погребува и да не им принесува посмртни жртви ниту нему, ниту на боговите. А кога го одвеле во подземниот свет, тој отишол право кај Персефона, жената на Ад, богот на Подземјето, и ја молел да го пушти да се врати на земјата за да ја казни својата безбожна жена. Но кога се вратил на земјата, веќе и не помислувал да се врати во светот на мртвите. Се раскажува дека живеел долго и дека доживеал длабока старост.

Но боговите не му ја заборавиле казната. Кога умрел и кога отишол во подземниот свет, судиите на мртвите му покажале еден голем камен и му наредиле да го турка кон врвот од ридот, и тоа по најстрмната страна, и кога ќе го искачи на врвот, да го префрли од другата страна. Но тој, иако безброј пати го туркал каменот, никогаш не успеал да ја заврши работата. Секогаш кога ќе го истуркал до врвот, каменот ке се стркалал низ ридот, а Сизиф пак започнувал од почеток, додека потта му се слевала по телото, а облак од прашина го прекривал целиот.

Ете, затоа за секоја залудна работа се вели дека е Сизифова работа.