Исламското банкарство во последните години е се попопуларно во светската економија. Неговите темелни принципи за кои пишувавме неодамна се изведени од основните принципи на Шеријатот според кои кредитирањето во исламските земји се заснова на потполно покритие на сите влогови од страна на населението и на позајмување пари без камата.  Но, како исламските банки се финансираат без да земаат камата?

Методите со кои што исламските банки ги прибираат средствата, се поделени во пет групи со неколку модели:

Метод на продажба (мурабаха, истисна и салам)

  • Мурабахата во основа е краткорочно финансирање. Овој принцип претставува договор за продажба, во кој производот се продава по набавната цена зголемена за профитот на банката. Тоа всушност претставува договор во кој клиентот и наложува на банката да купи некој производ, бидејќи тој самиот не е во можност да го направи тоа поради недостаток на средства. Клиентот во налогот точно ѝ кажува на банката за каков производ се работи, а потоа се обврзува кон банката дека откако таа ќе го купи производот, тој ке го купи од неа.
  • Истисна“ се појавува во случај кога производителот прифаќа нарачка која во иднина ќе се случи, со или без уплата на аванс, а која ќе на изврши сам или со изнајмување на други лица. Ваков начин на финансирање се користи претежно за финансирање на проекти. Тука, банката има улога на посредник помеѓу производителот и купувачот и се склучуваат два истисна договори.
  • Салам се користи за финасирање на индустриското производство, како и стимулирање на извозот. Како и кај „истисна“, и тука станува збор за порачка која треба да се случи во иднина, но овде, цената на производот мора да биде однапред исплатена и во целост. Банката и тука има улога на посредник.

Метод на наем

Овој вид на финансирање претставува деловен однос во кој банката купува предмети и ги изнајмува на своите клиенти. Во „иџара“, договорот се наведуваат сите битни елементи, а пред се предметот и периодот на изнајмување, како и закупнината. Периодот за закупот се регулира со договорот меѓу банката и клиентот, а кој може да трае од три месеци до пет или повеќе години.

Метод на партнерство

Метод на парнтерство (мушарака на арапски) претставува здружување на банката со клиентот со цел успешна реализација на проектот. Тука, тие се партнери и заедно одлучуваат и го водат проектот. Со договорот за партнерство се определува рокот на траење на проектот, секторот во кој се вложува како и односот на распределба на добивката и покривање на загубата. Профитот се дели после завршувањето на проектот, на финансиската година или на друг временски интервал на кој ќе се договорат партнерите. Секако, тие не можат да гарантираат однапред фиксен износ на профит.

Модел на поделба на профитот

Претставува договор на банката со претприемач да финансира определен проект, но не и да има учество во управувањето. Сето тоа го врши претприемачот кој вложува опрема, знаење, објект и се друго што е потребно за извршување на проектот а банката се јавува во улога на финансиер. Банката во овој договор има право да постави услови кои претприемачот мора да ги исполни и испочитува како што се забрана да прима или дава камата, како и забрани парите кои таа ги инвестира да ги вложува во недозволени сектори според Исламот.

Метод на доброволно позајмување

Преку овој метод банката им  нуди  кредити на клиентите, со обврска тие по истекот на определен рок да го вратат долгот, но не и каматата. Значи, ако клиентот земеме кредит од 100 000 ден. за рок од една година, по истекот на годината, банката ќе наплати само 100 000 ден. Овој метод најчесто се користи за финансирање на студенти или други економски послаби клиенти, со цел нивно финансиско зајакнување и пружање можност тие да отпочнат сопствен бизнис.

Основните принципи на исламското банкарство може да ги прочитате тука.