богомолкаМеѓу најинтересните инсекти спаѓа богомолката, инсект со издолжено и витко тело кое, додека мирува, долгите предни нозе ги држи сосема слободно и во таква положба остава впечаток во тој момент како да се моли.
Но богомолката во таа положба не се моли, туку во вистинската смисла лови. Богомолката спаѓа во редот на најкрвожедните животни (инсекти)  што ги познаваме, па со полно право може да се нарече убиец или крволок.
Богомолката се храни со други инсекти. Своите жртви ги фаќа на тој начин, што од целосно мирување во својата ловечка позиција, при што со сосема слободните две предни нозе, чии клешти се отворени, ќе скокне само за делче од секундата и ќе го грабне инсектот што и се приближил. Оттука и нејзината природна ловечка положба е секогаш да и бидат слободни предните нозе. А од внатрешната страна на предните нозе подготвено ја чекаат жртвата остри запци како канџи.
Се движи со помошта на двата чифта задни нозе или летајќи во воздухот. Велат дека богомолката спаѓа во мошне редок ред на инсекти што можат да ја вртат главата во круг и да гледаат зад својот грб, а да не ја променат положбата на телото. Ако наиде некој инсект, на пример пеперуга, богомолката силно и брзо ги испружува предните нозе, ја грабнува во лет, ја стега со канџестата страна на нозете и потоа почнува да ја јаде.
Фамилијата на богомолките брои околу 800 разни видови, од кои некои живеат исклучиво во определени предели на светот.