Инките биле група на јужноамерикански Индијанци, кои владееле во една империја што се протегала долж брегот на Тихиот Океан и Андите од местото каде што е денешен Еквадор до централно Чиле. Според традициите (Инките не оставиле пишани документи) основачот на династијата на Инките го довел племето до Куско, кој станал главен град.

Во времто на владеењето на четвртиот император, тие почнале да се шират и под власта на осмиот ја почнале програмата на постојано освојување со воспоставување на гарнизони меѓу поробените народи. Под власта на Топа Инка Јипанкуи и на неговиот наследник, империјата стигнала до своите најјужни и најсеверни граници. До почетокот на XVI век Инките владееле империја од околу 12 милиони поданици. Тие изградиле огромна мрежа на патишта, нивната архитектура била високоразвиена и остатоците од нивните вештачки системи на вештачки езера за наводнување, палати, храмови и ѕидини сè уште се присутни низ Андите.

Општеството на Инките било високо стратификувано и образувало еден аристократски управувачки апарат. Нивниот пантеон имал високо организирана богослужба на државната религија, вклучувајќи ги богот на сонцето, богот творец и богот на дождот.

Империјата на Инките била соборена од шпанските конквистадори, кои во целост ја искористиле мрежата на патишта на Инките во текот на своето освојување. Потекло од Инките водат  селаните на Андите, кои го говорат јазикот кечуа. Во Перу речиси една половина од населението се со потекло од Инките. Тие првенствено се земјоделци и сточари и живеат  во тесно поврзани заедници. Нивниот римокатолицизам е надополнет со нивните верувања во пагански духови и божества.