Денес, банките вршат многу услуги, но всушност тие имаат две задачи: првата е да примаат влогови од луѓето и да ги чуваат додека тие не им притребаат; и втората, на луѓето им даваат пари на заем со камата.

Банкарството е старо колку и историјата. Во стариот Вавилон, Египет и Грција луѓето се занимавале со него. Храмовите биле места каде обично се вложувале пари. Во Рим, во 210 год пр.н.е, објавена е уредба со која на Форумот им е определено место на  менувачите на пари. Меѓутоа, во средниот век земањето на камата се сметало за грев, па некои земји им забранувале на своите граѓани да основаат банки. Но, имало луѓе кои и понатаму се занимавале со тоа. Така, во средниот век менувачите на пари во Италија работата ја вршеле на улица, на клупа. Клупа на италјански се вика банко и одтука и дошол називот „банка“.

Модерното банкарство за прв пат се јавило во Венеција во 1587 год., кога е основана првата банка Banco di Rialto. Таа примала влогови и на вложувачите им дозволувала да пишуваат чекови на парите што ги имала во банката. Во 1619 год. Banco del Grio ја презела оваа банка и давала признаници на вложеното злато и сребро, додека тие тие признаници се употребувале како пари. Амстардамската банка, основана во 1609 год., исто така издавала потврди кои се употребувале како „банкови пари“. Во Англија златарите биле и банкари се до 1694 год., кога е втемелена Англиската банка, која што држела монопол на јавното банкарство се 1825 год.

Поделбата на банките може да се изврши според повеќе критериуми, како што се: сопственоста, рочноста на одобрените кредити, според регионалниот критериум, според критериумот на прибирање парични средства за нивните деловни потреби итн. Според последниот критериум, може да се направи следнава категоризација на банки: емисони или централни, депозитни или комерцијални, универзални, инвестициони, деловни, специјализирани или грански, развојни, регионални, моно-банки, мултинационални банки.