Замислете си да зачекорите на празен простор на 4-5 километри над земјата, а потоа да се спуштите на тлото со потрес како да сте скокнале од ограда висока 3,5 метри. Тоа можете да го изведете со помошта од падобранот! Падобранот просто е голем чадор, кој со својата форма и површина, поради отпорот на воздухот, го успорува паѓањето, па човек паѓа низ воздухот доволно полека за да не се повреди кога ќе удри на земјата.

Падобранот веројатно е најстариот пронајдок за успорување на паѓањето. Леонардо да Винчи нацртал една скица на падобран во својот бележник во 1514 година. Фаусто Веранцио во 1595 година објавил опис на еден употреблив падобран. Се смета дека првиот човек што употребил падобран е Французинот Бланшар. Во 1785 година тој од балон високо во воздухот спуштил куче во кошница што била закачена на падобран. Бланшар тврдел  дека и самиот се спуштил од балонот со падобран во 1793 година и дека при спуштањето на земјата си ја скршил ногата.

Еден друг Французин, Ж. Гарнерен, се прославил како прв човек кој редовно скокал со падобран. Прв пат јавно настапил во Париз на 22 октомври 1793 година и тогаш успешно скокнал од височина поголема од 600 метри. Неговиот падобран имал форма на чадор, бил направен од бело платно за едра,  а со пречник од околу 7 метри. Во средината се наоѓала дрвена макара од 25 сантиметри, со дупка во средината, што овозможувала да излегува воздухот. Тој дел за платното бил прицврстен со поголем број кратки ленти.

Прв успешен скок со падобран од авион во движење во 1912 година извел капетанот Бери во Сент Луис, во државата Мисури. Во текот на 1913 и 1914 година многу се расправало за тоа дали е практично да се употребува падобранот за спасување од авион. Тоа прашање сè уште не било решено во моментот кога, во 1914 година, почнала Првата светска војна. Постоел проблем во определување на големината на падобранот, а и страв дека пилотот не ќе може да скокне од авионот и да спречи да не се замрси падобранот.

Во 1919 година американската војска го прифатила седишниот тип на падобрани како дел од задолжителната авијатичарска опрема.