Човечката коска е толку цврста што е вистинско чудо како воопшто некогаш се скршува?! Коската може да носи товар 30 пати повеќе, отколку што може тулата. Најјаката коска во човечкото тело е долната вилица која може да издржи товар од околу 1.600 кг. Па сепак, коската понекогаш се крши под дејство на јака сила. Секое кршење на коската има име, зависно од тоа како е скршена. Ако е напрсната само на еден дел од својата површина, така што краиштата и понатаму да се споени, тогаш тоа е пукнатина или нецелосно кршење. Ако коската е целосно скршена на два дела, тоа е просто или обично кршење. Кога е скршена на повеќе од два дела, тоа е сложено кршење. Најпосле, ако деловите ги пробиваат мускулите и кожата, така што скршената коска да стрчи низ кожата, тоа е отворено кршење.
Местењето на деловите од скршената коска е слично на лепење парчиња од скршена чинија. Деловите на скршената коска мораат да се наместат еден до друг така што да се допираат. Но лекарот не употребува никакво лепило. Клетките на врзувачкото ткиво од коскените делови се намножуваат и ги поврзуваат меѓусебно. Коскеното ткиво има голема способност само да се обновува.

При кршењето на коската, нејзините делови и мекото ткиво, мускулите и крвните садови, околу скршеното се раздрани и повредени. Еден дел од повреденото ткиво изумира. Целата околина на скршеното што ги содржи коскените краишта и мекото ткиво, се натопени со засирена крв и лимфа. Само неколку часа по кршењето, младите клетки на врзувачкото ткиво почнуваат да се појавуваат во оваа засирена маса. Тоа е прв чекор во зараснувањето на скршеницата. Овие клетки брзо се намножуваат и наскоро потоа во нив се натрупува калциум. Во текот на 72 до 96 часа по кршењето, тие формираат ткиво што ги поврзува краиштата на коската.
Во новосоздаденото ткиво се натрупува повеќе калциум од обично. Калциумот помага повторно да се формира тврда коска, која постепено во текот на неколку месеци се развива во нормална коска. При кршење на членовите обично се става гипсен завој, со што се спречува движењето на коската и скршените делови да се допираат.