Скелетните мускули всушност се изградени од мускулни клетки, наречени мускулни влакна. Процесот на растење на мускулите, всушност претставува создавање на нови мускулни клетки (влакна) и се нарекува мускулна хипертрофија. Претставува комплексен биохемиски процес во кој се вклучени многу внатрешни и надворешни фактори. Внатрешните се однесуваат на градивниот материјал од кој се изградени влакната (протеини), хормоните кои се медијатори во создавањето на мускулното киво, а надворешни секако се исхраната, вежбањето и додатните суплементи. Персоналните тренери и инструктори поминуваат доста време читајќи за овој комплексен процес со цел да ги подобрат перформансите на своите клиенти и остварат побрзи ефекти. Меѓутоа, биологијата на мускулите сеуште е во истражувачка мисија и за формирањето на мускулите постојат неколку теории. Генерално, мускулите се најадаптибилното ткиво на човечкиот организам, затоа што мускулните влакна имаат неверојатна способност да се регенерираат. Имено, секоја мускулна активност при вежбањето, доведува до мали руптури (напукнувања) на влакната кои со цел да ја задржат својата функција брзо се регенерираат, притоа создавајќи нови клетки, со што мускулот расте. Руптурите во мускулите често пати се помалку болни и се чувствуваат како воспаление на мускулите. Процесот на репарација на клетките е под дејство на одреден хормон кој се синтетизира кога организмот одмара, особено ноќе, па затоа за правилен тренажен процес мора да одмарате и да спиете доволно. Обновувањето, односно растењето на мускулот хормонски е регулирано и од страна на „растечкиот хормон“ чија секреција во организмот е правопропорционално поврзана со фреквенцијата и интезитетот на вежбањето. Што се однесува пак до „градежниот материјал” од кој би се создале мускули, тоа се протеините под контрола на инсулинот. Инсулинот е клучен и во синтезата на протеинте во нашиот организам и ја „внесува“ глукозата во мускулните клетки, а претставува извор на енергија со која мускулите функционираат. И на крајот последен, но не и најмалку важен е тестостеронот која има многу сложен механизам на делување.  Да не ве затрупам со информации, доволно е да знаете дека овој стероиден хормон ја стимулира синтезата на протеините преку амино-киселините на ДНК ниво. Внесот на протеините односно амино киселините е клучен за изградба на мускулите и затоа се препорачува храна богата со истите месо, јајца, млечни производи. Јаглехидратите особено оние брзо разградувачките, ја обезбедуваат глукозата како “гориво” за мускулната работа, а пак одморот и спиењето ја стимулираат репарацијата на мусклите преку секреција на клучните хормони. Обично  обновувањето на мускулите трае 48 часа и затоа се препорачува да ја менувате мускулната група на тренинзите и да вежбате барем 3 пати  неделно, преку еден ден. На пример, ако сте возеле велосипед интезивно, следниот тренинг вежбајте ги мускулите на рацете. Имајќи ги во предвид овие факти, многу лесно може да заклучите дека пред вежбање најдобро е да имате оброк базиран на јаглехидрати, да им даде енергија на мускулите,  а после тренинг конзумирајте протеинска храна и секако ако ви замерат дека рано си легнувате – одговорете им дека не спиете, туку „работите“ на својата мускулатура.