Една шака бобинки или 30 грама ореви дневно ни овозможуваат да внесеме доста нутриенти, меѓу кои и елагинска киселина. Оваа навика не само што добро ќе влијае на целокупното здравје, туку ќе го подобри и изгледот на кожата. Сепак, доколку вашата главна цел е да ги ублажите првите знаци на стареење на кожата и да го спречите настанувањето на хиперпигментација, употребата на креми или серуми со елагинска киселина секако ќе даде брзи резултати.
Еден од најдобрите извори на елагинска киселина е калинката, т.е сок од калинка.

Истражувањата покажаа дека сокот од калинка е богат со антиоксиданси, и дека е поефикасен во борба против слободните радикали отколку зелениот чај, сок од боровница и портокал, кои исто така се познати по високата концентрација на антиоксиданси.

Освен елагинска киселина, сокот од калинката содржи и антоцијанин и танин, за кои научно е докажано дека ги ублажуваат воспалителните процеси во организмот. Пуникалагините во калинката исто така лековито дејствуваат на срцето и крвните садови и помагаат во борба против грипот.