Каде и да живееле на луѓето им се случувало на патот да им се најде некоја река или поток, па морале на некој начин да преминат на другата страна. Самата природа, веројатно, го изградила првиот мост за човекот. Некое дрво случајно паднало преку потокот и останало да лежи така над водата.

На луѓето не им било тешко да се угледаат на тоа и секако такви мостови од греди се правени и употребувани мошне долго, додека на некој праисториски „инженер“ не му текнало да натрупа камења во средината на потокот и да постави две стебла од тој куп до двата брега. Тоа бил обичен мост од греди, со еден примитивен столб. Оттука требало да се направи само еден чекор, па луѓето да почнат да градат повеќе такви столбови во широките и плитки потоци и да ги поврзуваат со стебла или со камени плочи.

Понекогаш две стебла ставале едно до друго, а потоа врз нив ставале штици, и така правеле дрвен мост мошне сличен на оние коишто и денес се градат во селата. Поцврстите мостови денес лежат на железни или челични носачи, а најсигурни се оние што имаат челична конструкција.

Hong-Kong-Zhuhai-Macau-bridge-e1506075801437Секој мост има два главни дела – горна структура (распонска конструкција) и долна структура (столбови или темели на кои се држи мостот). Темелите на мостот мора да бидат цврсти, затоа што мостот може да падне во случај тие да пропаднат или да ги однесе водата. За мостот на реката Мисисипи, во Сент Луис, на пример, морало да се ископа 45 метри, а за мостот помеѓу Сан Франциско и Оукленд дури и 75 метри во длабочина.