Мошне чудно чувство го обзема човека кога ќе се најде во град во кој повеќето „главни улици“ се канали. Но, за разлика од другите градови, улиците на Венеција-каналите, постоеле пред да биде изграден градот.

Венеција е изградена на тињести наноси што ги сочинуваат повеќе од 100 мали острови во лагуната на Јадранското Море. Сите куќи се изградени на столбови забодени во калта. Помеѓу наносите се наоѓаат тесни делови на морето што ги сочинуваат прочуените венецијански канали.

Во овој град сообраќајот се одвива со чунови или пешки. Во стариот дел на градот не е дозволен сообраќај со автомобили или товарни коли. Постои голем број тесни улици и мали мостови што ги спојуваат каналите. И секаде се гледаат чамци наречени „гондоли“. Гондолиерот стои на задната платформа и гондолата ја движи со долго весло.

Венеција е мошне стар град. Одамна пред наездата на Хуните и нивното минување низ Италија, во средината на 5-от век, луѓето живееле на малите острови. Подоцна се основани 12 градски општини на вода и тоа бил почеток на создавање на државата Венеција, во која постепено се развивал градот што денес се вика Венеција.

Во 1450 година Венеција била центар на големата колонијална империја и најголемата поморска сила на светот. Во почетокот на 16-от век, кога се откриени нови трговски патишта, трговијата на Венеција почнала да опаѓа.

Подоцна, Венеција водела многу војни, ја изгубила својата империја и непријателите речиси ја уништиле. Во 1866 година Венеција му се приклучила на Кралството Италија.

Денес Венеција е еден од најпрочуените уметнички центри во Европа и одново станува значајно морско пристаниште.