Глаукомот претставува втора најчеста причина за слепило во светот, а воедно и кај нас. Најмногу поради неговото доцно откривање, веќе откако се настанати големи, неповратни оштетувања на видното поле, и многу често поради непридржувањето на пациентите кон терапијата.

Видови глауком

Постојат повеќе видови глауком:

  • Вроден глауком – се појавува веднаш после раѓањето,
  • Детски или јувенилен – се развива во периодот на детството,
  • примарен глауком – најраспространет и не е поврзан со други заболувања и
  • Секундарен глауком – се појавува како последица на некои други очни заболувања.

Симптоми

Во зависност од тоа за каков глауком се работи, тој може да помине скоро асимптоматски, што претставува и најчест случај, без болка и без други симптоми. Првите симптоми се зголемен очен притисок, намален вид, стеснување на видното поле кои се појавуваат откако ќе се појват првичните, неповратни оштетувања на видното поле. Освен асимптоматски, зависно од видот на глауком, како симптоми може да се сретнат и болки во соодветното око, слепоочниците и болки во едната половина на главата, намалување на видот, колорни кругови околу сијалица, гадење и повраќање.

Што е важно?

Најважно кај глаукомот е неговото рано откривање. Веднаш по неговото откривање треба да се пристапи кон примање соодветна терапија за намалување на очниот притисок и за контрола на напредувањето на болеста. Очниот притисок кај овие болни, секогаш треба да се одржува што е можно понизок. На тој начин се обезбедува значително минимизирање на штетата што високиот очен притисок ја прави врз очниот нерв.

Совет

За да се заштитиме од последиците од глаукомот, секој човек над 50 годишна возраст, треба барем еднаш во неколку години да направи контролен преглед кај очен лекар, за мерење на очен притисок, а таму кадешто ќе биде откриен глаукомот треба редовно да се прима терапијата препишана од лекарот.