Црниот дроб е најголемата жлезда во организмот и се наоѓа во горниот десен дел на стомачната празнина под покривот на дијафрагмата. Црниот дроб е снабден со крв низ два крвни сада: портната вена и црнодробната артерија. Црнодробната артерија носи крв богата со кислород, додека портниот систем на вени носи крв што е багата со хранливи материи од дигестивниот тракт.

Црниот дроб е орган кој што има најголем број функции. Некои од неговите најважни функции се:

– Складирање на вишокот глукоза како резервен шеќер во облик на глукоген, и обратно, кога во крвта нивото на шеќер е под нормалното, од клетките во црниот дроб се ослободува глукоза која оди во крвототкот.

– Создавање белковини од плазмата, како албумин, глобулини и фактори на коагулација.

– Синтеза на уреа, која е краен производ на метаболизмот на белковините. Уреата се ослободува во крвта и се пренесеува до бубрезите од каде се исфрла надвор.

– Претворање на мастите со што тие можат да се користат за повеќе намени во клетките на целиот организам.

– Создавање жолчка.

– Разградување на еритроцитите, при што се ослободува во облик на жолчни бои што се исфрлаат преку жолчката.

– Отстранување отовни и штетни материи.

– Складирање на некои витамини и железо.

Панкреасот, или поджелудочна жлезда, е долга жлезда што се протега од дванаесетпалечното црево до слезината. Панкреасот создава ензими што ги дигестираат мастите, белковините и шеќерите. Панкреасниот сок се собира преку многу канали во главниот панкреасен канал што се излева во општиот жолчен канал.

Панкреасот, освен што создава дигестивни сокови, исто така, има функција на ендокрина жлезда, што создава хормони кои го регулираат метаболизмот на шеќерите. Овие продукти на посебни клетки, наречени островчиња на панкреасот, се ослободуваат директно во крвта.