Дијареата се дефинира како појава на повеќе од 3 течни столици во тек од 24 часа. Посебно е важна конзистенцијата на столицата а не бројот на столиците. Бебињата кои се исклучиво на исхрана од мајчиното млеко често имаат кашести столици, што не се смета за пролив.
Акутната  дијареа е еден од најчестите причини за смрт на мали деца ширум светот. Секоја година од дијареа во светот умираат повеќе од 3 милиони деца кои се помлади од 5 години.
Најчесто дијареата ја предизвикуваат вируси и бактерии (E.coli, Salmonella, Shigella), и протозои (Entamoeba histolityca).  Инфективните агенси кои предизвикуваат дијареа најчесто се пренесуваат по фекално- орален пат, кој подразбира внес на загадена храна и вода, и директен контакт (преку загадени раце или предмети). До појава на дијареа исто така може да дојде и поради труење со загадена храна од бактериски токсини, неподнесување на одредени видови храна, употреба на антибиотици кои ја уништуваат нормалната флора на бактериите во цревата.

Најчести клинички облик е акутната воденаста дијареа која обично трае помалку од 7 дена а најмногу до 14 дена, и се манифестира со чести, кашести или воденасти столици, без видливи траги од крв. Може да се јави и мачнина, повраќање, болка во стомакот и зголемена температура.

Три основни правила за лечење на дијареа се:

  • да се спречи појавата на дехидратација, доколку нема знаци на истата.
  • Да се лечи дехидратацијата, доколку е веќе присутна.
  • Да се храни детето за време на дијареата и после неа за да се спречат нутритивните пореметувања.

Се препорачува внес на следната исхрана: за бебиња кои се на природна исхрана, се препорачува исхрана со мајчино млеко а треба да се избегнува храната која содржи големо количесто јаглехидрати. Детето се носи на лекар доколку не му е подобра здравствената состојба после 24 часа, доколку има бројни воденасти столици, често повраќа, има изразена жед, детето слабо јаде и пие има покачена температура, кожен исип или појава на крв во столицата.

Правилната исхрана за време на дијареа и после прележана болест со правилна хидрација, е клуч за намалување на заболувањето и смртноста од оваа болест.