Органите за размена на гасовите се многу нежни и осетливи. Поради тоа чистиот воздух е прв во главните услови за заштита и нивно чување. Чистиот воздух и различни видови на физичка активност доведуваат до зајакнување, правилен развој и чување на органите за дишење.     

Болести на носната празнина

До носните празнини и блиску до увото се сместени синусите (празнини во коските). Инфекциите од устата, носот и грлото можат лесно да се пренесат до синусите. Таквото воспаление е наречено синуситис.

Инфекции и нивното ширење
Слузницата на дишните патишта е многу важен дел преку кој навлегуваат штетните микроорганизми. Микроорганизмите најбрзо се пренесуваат во простории во кои има многу луѓе. Капките при едно кивнување можат да содржат милијарди микроорганизми кои предизвикуваат многу болести. Меѓу инфекциите што се пренесуваат низ дишните патишта се обичната настинка, дифтеријата, малите и големите сипаници, грипот и туберколозата.

Обична настинка
Како предизвикувачи на настинката се јавуваат многу вируси и други штетни микроорганизми. Најпрвин се зацрвенуваат носот и грлото, потоа обилно тече воденикава течност од носот и на крајот кога ќе се смири настинката течат погусти лигави исцедоци.

Грип
Грипот е воспаление на горните делови на дишните патишта и предизвикува општа немоќ и болки. Грипот е предизвикан од вирус што може да се шири од носот до белите дробови.

Воспаление на белите дробови
Најчест симптом на сите видови воспаленија на белите дробови е создавањето течна материја, исцедок што се собира во заболените алвеоли. Понекогаш воздушните ќесиња толку многу се исполнети со таква течност, што заболениот чувствува тежина и има потреба од повеќе кислород.

Туберкулоза
Туберкулозата е една од најтешките болести на органите за дишење, што се шири многу лесно и брзо. Притоа доаѓа до сериозни оштетувања на алвеолите и нивните ѕидови, при што се создаваат големи празнини што неможат да ја вршат функцијата во процесите на дишење.

Рак на белите дробови
Најчеста причина за појава на рак на белите дробови е пушењето. Пушачите заболуваат од оваа болест десет пати почесто отколку непушачите. Ризикот за заболување од рак на белите дробови е зголемен кај луѓето кои почнуваат да пушат од најраната младост, како и кај луѓето кои пушат голем број цигари дневно и кои чадот го вдишуваат многу длабоко.