Остеопороза е болест која се карактеризира со намалување на коскената маса, пореметување на нејзината структура со последичен недостаток на минерализација на коските што конечно резултира со намалување на нејзината цврстина и еластичност со зголемена можност за нејзино кршење. Колковите, пршлените и долните делови на подлактицата се најчести места за кршење.
Кај заболените од остеопороза, освен кршење на коските при паѓање, карактеристични се и компресивни кршења на пршлените, поради “умртвување” на ослабените пршлени кои не се во можност да ја издржат тежината на телото. Таквите кршења предизвикуваат долготрајна и силна болка во долниот дел на грбот, губење на висината и грбавост како и последична деформација и инвалидитет.

Дали постојат повеќе облици на остеопороза?

Постменопаузална остеопороза кај жените е најчест облик на оваа болест која настанува поради намалување на лачењето на женски полови хормони – естроген од јајниците, кои со тек на годините природно ја губат својата функција. Естрогените хормони со своето делување ја поттикнуваат градбата на коските, а со нивното намалување во менопаузата, од функција на градба преминува на разградба, чиј резултат е остеопороза.

Сенилен облик на остеопороза означува намалување на коскената маса кај старата популација. Се јавува подеднакво кај двата пола после 70тата година од животот. Најчести причини се недоволниот внес на калциум во храната, недостаток на витамин Д поради неизложеност на Сонце со намалување на активноста на клетките кои ја градат коската. Останатите облици на остеопороза се секундарни кои се јавуваат поради некои други патолошки случаи (начин на живот, примена на одредени лекови, долготрајна болест).
Симптомите на остеопороза се неприметливи сѐ до појавата на првото кршење на коската, а дијагностицирањето на болеста е едноставно, брзо и прецизно. Треба да се обрати внимание и да се запознае со ризиците кои доведуваат до развој на оваа болест за да би можело на време да се превенира и да се започне со лекување.