Уште во 1517 година постоел систем за врежување на букви во дрво што слепите можеле да ги „прочитаат“ со пипање, затоа што врвовите на прстите кај човекот се многу осетливи. Подоцна се создадени и многу други системи, во кои се користени испапчени букви. Но сите тие имале еден голем недостаток: слепите можеле да научат да читаат, но не и да пишуваат, зашто не можеле да видат што напишале.

Затоа во 1829 година Луј Брај, самиот слеп и учител на слепи, измислил таков систем што слепите да можат и да читаат и  да пишуваат со помош на едноставна направа.

Брајовата азбука се состои од знаци во вид на точки. Замислете си една правоаголна таблица.На оваа таблица се наредени испупчени точки од еден до шест; има три реда и во секој може да има по две точки. Брајовата азбука се состои од овие точки, различно распоредени. Бидејќи се можни 63 комбинации, постои цела азбука, како и правописни знаци, знаци за скратување итн. На пример, буквата „А“ во Брајовата азбука се состои од една точка во горниот лев ред, додека „B“ го претставуваат две точки, една под друга во горните два реда од левата страна. (Треба да запомните дека постојат три хоризонтални реда со по две точки во секој).

Брајовата азбука е најраспространета и на многу слепи луѓе им помагала да почувствуваат задоволство дека можат да читаат и да пишуваат. Денес постојат близу стотина списанија и весници што се печатат и со звучни книги. Тоа е книга чиј текст е снимен на грамофонска плоча или на магнетофонска лента. Постојат звучни книги наменети за деца.