Според статистиките докажано е дека кај околу 95 проценти од лицата заболени од астма првите симптоми им се јавиле пред 45 – та година од животот. Астмата е хронично белодробно заболување кое според статистиките, околу 230 милиони луѓе ширум светот боледуваат од оваа болест, меѓу кои, најмногу се деца.

Кои причини доведуваат до астма?

Постојат два типа на астма – алергиска (атописка) и неалергискa (неатописка). Алергиската астма во поголем процент се јавува кај млади лица и кај нив се забележува постоење на алергија кон домашна прашина, крзно на домашни миленици (мачка, куче, хрчак), мувли и други алергени кои се среќаваат во домовите. Нападите на астма може да бидат предизвикани и од неалергиски фактори како: физички напор, вдишување на ладен и сув воздух, вирусни инфекции, загаден воздух, како и чад од цигари.

Симптоми:

Астмата е хронична болест на дишните патишта која се карактеризира со повторувачки епизоди на свирење и стегање во градите, отежнато дишење и кашлица. Симптомите се јавуваат веднаш или по неколку часа по изложување на алергени. Болните може да чувствуваат притисок во градите, болка во грбот и кашлица, а потоа се надоврзуваат свирење во градите и забрзано дишење. Симптомите се јавуваат поради стегање на мазните мускули на малите дишни патишта што е проследено и со зголемено создавање на слуз што дополнително го отежнува протокот на воздух. Крајот на нападите од астма често се пропратени со искашлување на густ и еластичен секрет. Астмата обично се влошува во текот на ноќта а основна карактеристика на астмата е непостојаноста на симптомите, односно кај пациентите има периоди во кои немаат симптоми. Но тоа не значи дека пациентот треба да ја прекине терапијата препорачана од лекар пулмолог.

Како се дијагностицира астмата?

Околу дијагнозата, основна метода во дијагнозата на астмата е Спирометријата, која се изведува доста едноставно и е релативно ефтина метода. Секој пациент со астма треба барем два пати годишно да прави спирометриски преглед за контрола на белодробната функција. Важно е да се спомене дека астмата клинички се класифицира според честотата на јавувањето на симптомите (гушењето) и според форсираниот експираторен волумен во првата секунда, параметар кој се одредува спирометриски.

Како се лекува и кои се основните лекови на астмата

Лекувањето на астмата треба да се одвива според препораките на GINA (Global Initiative for Asthma), а основните цели се:
-одржување на соодветна контрола на симптомите,
-одржување на белодробната функција на нормално ниво,
-одржување на нормалното ниво на физичка активност на пациентите,
-спречување на влошувањата на астмата, односно нападите на астма и
-спречување на смртноста од астма.

Основни лекови во терапијата на астмата се бронходилататорите, лекови кои ги шират дишните патишта и кои најчесто се земаат како инхалатори. Овие лекови се користат за брзо намалување на симптомите на астмата, пред сé гушењето.
инхалатори. Овие лекови се користат за брзо намалување на симптомите на астмата, пред сé гушењето.

Втора многу важна група на лекови се инхалаторните кортикостероиди кои се користат како редовна терапија и го намалуваат воспалението на дишните патишта. Постојат и други лекови кои се користат во третманот на астмата како аминофилинот, или кортикостероидите, но во секој случај неопходна е редовна контрола кај пулмолог кој ќе ја одреди соодветната терапија.