На територијата на Република Македонија се застапени пет (5) планински структури чија височина изнесува над 2.500 m. Тоа се: Кораб (Голем Кораб, 2.753 m), Шар Планина (Турчин, 2.748 m), Пелистер (Пелистер, 2.601 m), Јакупица-Мокра (Солунска Глава, 2540 m) и Ниџе (Кајмакчалан, 2.520 m).

Планината Кораб со своето морфолошко продолжение Дешат на југ, се наоѓа на крајниот западен-северозападен дел на Република Македонија. Кораб со врвот Голем Кораб, 2.753 m, е највисока планина во Македонија, а исто така и во Албанија бидејќи границата е на самиот срт. Од останатите позначајни врвови на планината Кораб се истакнуваат: Црн камен, Кепи Бард, Кабош и др.

Во морфотектонски поглед Корабскиот Блок (Кораб, Дешат, Крчин) преставува хорст, кој во неотектонската етапа е интезивно издигнат долж раседни структури, т.е. е сепариран од соседните Шар Планина и Бистра. Во геолошки поглед, генерално земено, може да се подели на три дела (северен, централен и јужен).

Планинскиот масив Кораб како и останатите планини во крајниот западен дел на Република Македонија е со меридијански правец на протегање, неговата должина е околу 49 km, додека максимална широчина изнесува 28 km. Покрај доминантниот глацијален релјеф во највисоките делови се сретнуваат и рецентни периглацијални форми, но и карстни, главно вртачи.

Во крајниот северозападен дел на територијата на Република Македонија се наоѓа Шар Планина. Тоа е една од највисоките (Турчин, 2.748 m) и според површината (со должина од 80 km и широчина од 10 до 20 km) една од најголемите планини на Балканкиот Полуостров, за разлика од повеќето планини на Балканкиот Полуостров таа се протега со „динарски“ (сз-ји) правец на протегање. таа е типичен хорст издигнат помеѓу Метохиската Котлина и Полошката Котлина.

Основна морфопластика во највисоките делови на Шар Планина ја сочинуваат полигенетските површини преставени во вид на брановидни зарамнини. Исто така застапени се: флувијални, глацијални, периглацијални, присутна е плеистоцена глацијација и др.

Планината Пелистер или Баба (Пелистер, 2.601 m) како што често се означува на географските карти, се наоѓа помеѓу Преспанската Котлина на запад и Пелагонската на исток. Должината на оваа планина во меридијански правец е 35 km, додека во напореднички правец е околу 20 km. Исто така тектоснки оваа планина е типичен хорст, од релјефни особености застапениу се: микрорелјефни периглацијални форми, мезорелјефни периглацијални форми, глацијација и тн.

Планинскиуот масив Јакупица (Солунска Глава, 2.540 m) го зафаќа центраниот дел на Република Македонија. Сeвкупниот  масив е познат по народниот топоним„Мокра“ Планина, но во литературата исклучиво се користи Јакупица. Јакупичкиот блок се наоѓа во крајниот северен дел на Пелагонискиот -хорст антиклинориум и е негов најиздигнат дел. Според севкупната релјефна карактеристика планинскиот масив преставува еден од најкомплицираните простори во Р.Македонија, застапени се: структурниот, глацијалниот, флувијалниот, карстниот и др.

Планината Ниџе многу позната по името на својот највисок врв Кајмакчалан (2.520 m)  се наоѓа во јужниот дел на Р. Македонија. Таа е петта по височина, односно последна од планините во Македонија што ја надминуваат височината од 2.500 m. На запад е ограничена со Пелагонската, а на југ со Островската (Костурската) Котлина. На север е Скочиварската Клисура на Црна Река, додека на исток морфолошки се надоврзува на планината Козјак.  Планината Ниџе е дел од неотектонскиот Селечко- кајмакчалански блок. На оваа планина не се забележуваат траги од глацијација. Геолошкиот состав условил доминација на флувијаниот и денудациониот релјеф.

 

 

Извор: Физичка географија на Република Македонија. Д.Колчаковски